Posted on

Македонија2025 воспоставува Признание за придонес на припадниците на дијаспората

На 12 април 2023 година, Македонија2025 и Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија потпишаа Меморандум за соработка и покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија на Признанието за придонес на припадниците на дијаспората кон развојот на Република Македонија.

Македонија2025 го воспоставува Признанието за придонес на припадниците на дијаспората со цел да им оддаде почит и јавно признание на припадниците на дијаспората кои индивидуално или преку нивни организации и групи во текот на изминатите години дале значаен придонес кон економскиот и/или општествениот развој на земјата, или промоција на земјата на меѓународен план, преку различни форми како донации, инвестиции, волонтерска работа и слично. Признанието ги вреднува напорите на припадниците на дијаспората кои доброволно и без лична корист враќаат кон татковината од која потекнуваат тие лично и/или претходните генерации од нивното семејство. Истовремено, преку ова признание им се дава можност на граѓаните, јавните институции, граѓанските организации и крајните корисници на добрите дела, донациите и слично, јавно да ја искажат својата благодарност кон алтруистите од дијаспората.

Оваа иницијатива на Македонија2025 е наменета за поединци, припадници од дијаспората, кои без оглед кога и каде се родени се нераскинлив дел од националното ткиво на македонскиот народ. Ова Признание е симболична потврда за нивниот несебичен и континуиран ангажман и придонес во различни сфери кон родната земја. Признанијата ќе се доделуваат за исклучителен придонес и постигнати резултати во доменот на општествениот и/или економскиот развој, образованието, научно-истражувачките работи, уметноста, како и за особени заслуги од областа на социјалната и хуманитарната помош, или пак придонеле за подобрување на определени состојби во родната земја.

Македонија2025, на пригодна церемонија на 25 април 2023 година, заеднички со Претседателот на Република Северна Македонија, г-дин Стево Пендаровски ќе ги објави имињата на добитниците и ќе ги додели Признанијата за оваа година.

Фотографиите објавени со оваа вест се превземени од Претседател на Република Северна Македонија

Posted on

САМИТ НА МАКЕДОНИЈА 2025 – ПРОСПЕРИТЕТНИ ЕКОНОМИИ ПРЕКУ ОПШТЕСТВЕНА ТРАНСФОРМАЦИЈА, ДИГИТАЛИЗАЦИЈА И СТРАТЕШКО ЛИДЕРСТВО

Скопје, 30.03.2022 – Дигитална трансформација, зајакнување на претприемачките капацитети, иновации во функција на поголема конкурентност, холистички пристап преку примена на ЕСГ (environment, society, governance) стандардите, се дел од темите кои ќе бидат во фокусот на годинешниот Самит на Македонија 2025. На овој престижен регионален настан кој претставува платформа за споделување знаење, поврзување и поттикнување промени во регионот, ќе присуствуваат повеќе од 40 говорници, врвни експерти во својата област. На Самитот ќе се разговара за регионални и глобални теми меѓу кои се и стратешко лидерство и ChatGPT. Дел од панелите ќе бидат посветени и на значењето на СТЕМ образованието во процесот на градење на просперитетна економија која напредува со иновации, на креативноста и на трендовите за здрав живот и навики.

Самитот ќе се одржи во Скопје на 26 и 27 април годинава и се очекуваат околу 400 учесници, кои освен што ќе ги слушнат излагањата на панелистите, ќе имаат и уникатна можност за вмрежување со исклучителни професионалци и остварување на нови партнерства и соработка со потенцијални инвеститори. Во насока на унапредување на овој сегмент Македонија 2025 има подготвено платформа за просперитетна иднина, која нуди основа за обединување на сите засегнати страни и усогласеност на клучните приоритети за долгорочен развој и за подобра иднина на Македонија и на регионот.

Дел од говорниците на Самитот ќе бидат: Н.Е. Димитар Ковачевски, претседател на Владата на Република С. Македонија, Роберт Доар, претседател на Американскиот институт за претпријатија, Кетеван Бочоришвили, поранешен заменик министер за економија и одржлив развој на Грузија и управен партнер на „Бизнис Грузија“, Кам Бакнер, претставник на државата Илиноис, поранешен кандидат за градоначалник на Чикаго, Тед Саудер, поранешен дел од менаџментот на Google, Никола Јуришиќ, основач и управен партнер во Transfiguration Advisory, Иван Артуковиќ, извршен директор на Франк, Живко Мукаетов, извршен директор и претседател на Управниот одбор во Алкалоид, Вал Јусуфи, извршен директор на Институтот ЛЕОРОН, Бранко Станчев, главен комерцијален директор во Македонски Телеком АД, Гурудут Банавар, научен и технолошки иноватор, претприемач, инвеститор и хуманист, Сурав Синха, партнер и раководител за стратегија во Longevity Vision Fund, Никола Велковски, ко-основач и извршен директор на Howitzer и многу други истакнати личности во повеќе области. Повеќе информации за учество на Самитот се достапни на официјалната веб-страница: https://www.macedonia2025.com/summit/.

Пред официјалниот почеток на Самитот, на 25 април 2023, Македонија 2025 ќе организира и неколку дополнителни активности во соработка со претседателот на Република С. Македонија и Стопанската Комора на Северна Македонија.

Самитот на Македонија 2025 годинава се организира по 12-ти пат, а го организира меѓународната невладина организација Македонија 2025, чија главна мисија е креирање и унапредување на динамична платформа за споделување на знаења од областа на бизнисот, економијата, технологијата, лидерството и иновациите, во насока на поттикнување на економски развој и одржливост.